Македонскиот пасош ја задржува солидната позиција на глобалната листа на најмоќни патни документи, покажува најновото рангирање на Henley Passport Index за вториот квартал од годинава. Според индексот, Македонија е рангирана на 41. место во конкуренција на 199 држави и територии.
Рангирањето се темели на бројот на земји во кои сопствениците на пасош можат да патуваат без претходно обезбедена виза. Македонските граѓани во моментов имаат безвизен пристап до 127 држави ширум светот. Индексот се изработува врз основа на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).
И годинава, првото место му припаѓа на Сингапур, чии државјани можат да патуваат без виза во 192 земји.
На втората позиција се Јапонија, Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати со можност за безвизен влез во 188 држави, додека третото место го зазема Шведска со пристап до 187 земји.
Четвртото место го делат Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шпанија, чии граѓани можат да патуваат без виза во 186 држави. Веднаш зад нив, на петтата позиција, се Австрија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија со безвизен пристап до 185 земји.
Во регионот, најдобро пласирана е Словенија, која се наоѓа на седмото место со можност за патување во 183 држави без виза. Хрватска е осма со 182 земји, Србија е на 34. место, додека Црна Гора и Македонија ја делат 41. позиција. Босна и Херцеговина исто така е рангирана на 41. место, но со безвизен пристап до 122 држави.