Македонските државјани добиваат поедноставена можност за патување во Саудиска Арабија, откако Македонија официјално беше вклучена на листата на земји чии граѓани можат да аплицираат за туристичка електронска виза или да добијат виза по пристигнувањето во земјата.
Информацијата ја соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, од каде посочуваат дека новата можност ќе овозможи побрза постапка за патување и намалување на административните процедури.
Со воведувањето на оваа олеснета процедура, македонските граѓани ќе имаат дополнителна можност за туристички посети на Саудиска Арабија, но и за остварување деловни контакти и унапредување на соработката меѓу двете држави.
Од Министерството оценуваат дека промената создава услови за поголема туристичка размена и подобро поврзување на Македонија со Кралството Саудиска Арабија.