Машката кадетска репрезентација на Македонија се закити со златниот медал на Светското училишно првенство во ракомет, чиј домаќин беше Скопје. Во големото финале, избраниците на селекторот Горан Кузманоски покажаа супериорност и ја совладаа селекцијата на Израел со конечни 38:32.
Македонските ракометари ја контролираа играта уште од самиот почеток, наметнувајќи темпо кое противникот тешко го следеше. На паузата Македонија замина со убедлива предност од 20:14. Иако во вториот дел репрезентацијата на Израел успеа да ја намали разликата на само два гола негатива, нашите кадети останаа фокусирани и со сигурна завршница не дозволија резултатски пресврт.
Успехот на македонскиот училишен ракомет беше надополнет и во женска конкуренција. Македонските ракометарки се бореа за најсјајното одличје во финалето против Хрватска, но во неизвесен натпревар беа поразени со тесни 28:26, освојувајќи го сребрениот медал.
