Македонските компании меѓу кризата и реформите

Кризата предизвикана од сѐ повисоките цени на енергенсите, нестабилноста која што ја донесе војната во Украина сериозно го загрози функционирањето на компаниите во земјава.

Високите цени на електричната енергија, природниот гас, како и енормниот скок на цената на нафтените деривати ги зголеми трошоците на производството во индустријата, цените како на суровините, така и на крајните производи кои што излегуваат од погоните стануваат се потешки да се предвидат и пресметаат без притоа да се акумулира загуба.

Надлежните предвидуваат особено тешка зима, стравувањата се дека можни се недостаток на енергенси што дополнително ќе ги отежни условите за работа на компаниите.

Еден од главните индикатори како му ѝ оди на една економија се состојбите во градежништвото, а последниот квартален извештај на Народната банка посветен токму на оваа индустрија не прикажува позитивна слика.

Во извештајот на Народната банка се констатира дека најголем негативен придонес кон македонскиот бруто домашен производ во првите три месеци од годинава бележи градежниот сектор, во услови на се’ поголема неизвесност предизвикана од започнувањето на војната во Украина и натамошен висок раст на веќе зголемените цени на градежните материјали и останатите влезни компоненти.

Според извештајот на НБ, во првите три месеци од 2022 година активноста во градежниот сектор забележа натамошен реален пад на годишна основа.

Загрижувачките тенденции во градежништвото ги потврдуваат и полугодишните извештаи на градежните компании. Градежниот гигант „Гранит“ во својот извештај за периодот од јануари до јуни годинава нотира намалување на добивката за 37 отсто во споредба со истиот период лани.

„Постоечката криза во Украина со Русија и енергетска криза со значајното зголемување на цените на главните енергенси и материјали (струја, гас, нафта, железо) имаат и се уште ќе имаат влијание врз светската економија, а следствено на тоа и врз македонската економија во наредниот период. Влијанијата ќе имаат ефект посебно врз зголемување на цените на одредени суровини и материјали, енергија а преку тоа и врз крајните цени на многу производи. Друштвото континуирано ги следи движењата во националната, регионалната и глобалната економија со цел да се добијат информации за полесно одлучување“

се вели во коментарот на компанијата на консолидираниот извештај објавен преку Македонската берза.

„Бетон“ во својот извештај пријавува загуба тешка близу 4,2 милиони евра, додека „Адинг“ бележи намалување на добивката од 3,7 отсто споредено со истиот период во 2021 година.

Светли примери на македонската економија

Но, и покрај предизвиците и турбуленциите кои со себе ги носат актуелните збиднувања во македонската и светската економија сепак дел од компаниите покажуваат дека со добро менаџирање може да се бележи раст.

Од велешката фабрика „Брако“ велат дека и покрај отежнатите услови за деловно работење успеваат да отворат нови пазарите за пласман на своите производи, да ја зголемат палетата на производи, но и бројот на вработени.

„Развојот на нови модели на возила од брендот „Грин Машинс“ и  проширувањето на производствениот асортиман овозможија поширок пласман на пазарот. Исто така „Брако“ работи и на иновативни производи кои се на самиот почеток од својот животен циклус кои во иднина и во актуелната енергетска криза  ќе бидат интересни и барани на пазарот. Ова се некои од конкретните начини како „Брако“ работи во околности на нарушена глобална економија предизвикана од војната во Украина и во услови на  продолжен ефект од корона кризата. „Брако“ инсталираше и фотоволтаична електрана која ќе обезбеди 40 проценти од електричната енергија што ја троши компанијата .Така што потребно е одговорно , подготвено и   навремено да се дејствува и во нестабилни услови кога синџирите на снабдување се нарушени ,кога се зголемени цените на суровините и трошоците за енергија.

изјави Благој Шалев, Извршен директор во „Брако“ и член на Управен одбор.
Благој Шалев, Извршен директор во „Брако“ и член на Управен одбор.

Даночните реформи – уште еден предизвик за македонската економија

Владата најави реформа на даночниот систем со која што длабока го засега функционирањето на македонските компании. Предлогот на Министерството за финансии предвидува оданочување на орочените средства, стеснување на списокот на стоки и услуги за кои се плаќа ДДБ од пет проценти, зголемување на долниот праг на кој се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Реформата, како што најавува министерот за финансии, Фатмир Бесими, би стапила на сила од 1 јануари следната година, но би се спроведувала постепено.

Бизнисот има свои видувања за предложените даночни измени. Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески изрази дури е изненаден што во моменти кога компаниите чекаат предлог решенија за намалување на негативните ефекти од енергетска криза Владата предлага даночна реформа.

Стопанствениците на почетокот од консултациите со Владата побара соодветен модел на даночна реформа. Велат тие се за даночни реформи кои ќе резултираат со поголема раст и ќе ја намалат пред се’ сивата економија, но не и за даноци со кои дополнително ќе се стимулира работа на црно.