Здружението на Србите во Македонија „Мир, слога и стабилност“, кое на 23 мај во Куманово организираше собир за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ непосредно пред големиот студентски антивладин протест во Белград, добило финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Србија, објави српскиот портал Нова економија.
Според јавно достапни податоци, здружението во април годинава добило 400.000 динари, односно околу 3.400 евра, преку конкурс на српското МНР за кофинансирање проекти на организации на Срби од регионот. Средствата биле доделени преку Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот за проектот „Православието и духовноста нè поврзуваат – Под закрилата на молитвата“.
Порталот објави и документ во кој здружението „Мир, слога и стабилност“, основано на 30 јуни 2022 година, се наоѓа на списокот на организации кои добиле финансиска помош од српското Министерство за надворешни работи.
На собирот што се одржа пред Српскиот конзулат во Куманово присуствуваа неколку стотини граѓани од Куманово и Скопје. Настанот помина со развиорени српски и македонски знамиња, музика и транспаренти со пораки „Куманово и Скопје се со Вучиќ“, а беше обезбедуван од полицијата и помина без инциденти.

„Ние од овој собир не испраќаме порака до Македонија, туку нашата поддршка е упатена кон Република Србија. Ова не е мешање во внатрешните работи на Македонија, туку само одраз на она што ние го чувствуваме. По националност сме Срби, но живееме и работиме тука, што значи дека во некои сегменти Македонија ја сакаме и повеќе од оние што се од македонска националност. Да не беше така, ние ќе си заминевме“, изјави претседателката на здружението Милена Величковиќ.
Медиуми блиски до власта во Србија известуваа за „прекрасни сцени“ од собирот, оценувајќи дека настанот има и „геополитичка тежина“.
Истата вечер, во Белград десетици илјади луѓе учествуваа на масовен протест организиран од студентското движење, барајќи распишување предвремени избори. Демонстрациите следуваа по трагедијата во Нови Сад од ноември 2024 година, кога при уривање на настрешница на железничка станица загинаа 16 лица, меѓу кои и македонскиот државјанин Васко Саздовски.
Студентите и демонстрантите со месеци бараат политичка и институционална одговорност, обвинувајќи ја власта за корупција и небрежност. Властите во Србија, пак, одговорија со ограничувања и апсења на дел од организаторите и поддржувачите на протестите. Поради протестот на 23 мај, железничкиот сообраќај низ Србија тој ден беше привремено суспендиран.