Македонците потрошиле 63 милиони евра за купување онлајн во првото полугодие од 2018 година

Денеска во конференциската сала во хотелот „Мериот“ почна првата конференција  за е-трговија во Македонија на која се дискутира за тековните состојби, предизвици и идните трендови на полето на електронската трговија. Под насловот “е-Трговија: е-Иднината за еМакедонија!”, на конференцијата свое излагање и учество имаат над триесетина говорници, модератори и панелисти од осум земји.

Конференцијата со поздравен говор ја отвори претседателот на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска, која во својот говор истакна дека Македонците во првото полугодие од оваа година, според податоците од НБРМ, потрошиле 63 милиони евра за купување онлајн, што претставува пораст од 20% во однос на првото полугодие од минатата година.

Воведно обраќање имаше и Министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Дамјан Манчевски:

„ Mораме и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата пред крајните корисници, преку подигнување на свеста на граѓаните за придобивките. Граѓаните мора да бидат сигурни дека во процесот на е-трговија нивните податоци се безбедни, трансакциите гарантирани и дека никој нема да ја злоупотреби нивната доверба во системот. Во тој контекст посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во завршна фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност.“ – изјави Манчевски.