Вистинското работно време во Европската унија бележи благ пад во последната деценија, покажуваат податоците на Евростат. Во 2025 година, вработените на возраст од 20 до 64 години со полно и скратено работно време во просек работеле 35,9 часа неделно, што претставува намалување од околу еден час во споредба со 2015 година.
Во Македонија, според истите статистички показатели, просечното вистинско неделно работно време изнесува 39,5 часа, што е значително над европскиот просек.
Подолги работни недели од Македонија се бележат во дел од земјите од регионот. Во Србија просекот изнесува 41,3 часа, а во Босна и Херцеговина 41,1 час. Пократка работна недела има во Хрватска со 37,8 часа.
Во рамки на Европската унија, најдолги работни недели имаат работниците во Грција со 39,6 часа, потоа во Бугарија и Полска со по 38,7 часа и во Литванија со 38,4 часа. На спротивниот крај од скалата се наоѓа Холандија со најкратка работна недела од 31,9 часа, по што следуваат Данска и Германија со по 33,9 часа, како и Австрија со 34 часа.
Анализата на занимањата покажува дека најдолги работни недели во ЕУ имаат квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството со просек од 42 часа, потоа менаџерите со 40,6 часа и припадниците на вооружените сили со 39,4 часа.
Најкратки работни недели се забележани кај елементарните занимања со 31,8 часа, помошните работници со 34 часа и работниците во услужниот и продажниот сектор со 34,5 часа.