Македонија

Малолетници преку Инстаграм се фалат со уништување имот и упади во туѓи објекти низ Скопје

Малолетници преку Инстаграм се фалат со уништување имот и упади во туѓи објекти низ Скопје

Опасно и незаконско однесување на малолетници се шири на социјалната мрежа Инстаграм, каде преку профил наменет за т.н. урбано истражување се објавуваат видео содржини од упади во туѓи објекти, кршење катанци и качување по згради. По пријава од нашата редакција, Министерството за внатрешни работи (МВР) најави дека по истражувањето на 4news.mk отвора постапка за откривање на сторителите.

На видеата кои неодамна се појавија на профилот „zycx_urbex“, се гледаат две деца кои извршуваат низа незаконски дејствија во обид да креираат содржина за социјалните мрежи. Според снимките, нивните активности вклучуваат прекршување на повеќе законски одредби, меѓу кои оштетување на туѓи предмети, неовластено влегување во туѓ имот, упад во скривници, а со своите постапки тие потенцијално предизвикуваат и општа опасност.

Во насока на заштита на јавната безбедност и имотот на граѓаните, нашата редакција се обрати до МВР со прашање дали полицијата е запознаена со овој случај и дали се преземаат чекори за идентификација на малолетниците. Заедно со пријавата и линкот до профилот, до надлежните органи доставивме и фотографија обезбедена преку нашето истражување, со цел да се олесни процесот на нивно пронаоѓање.

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР за нашиот медиум потврдија дека досега не биле запознаени со спорниот профил и со објавените видео материјали, но најавија брза реакција.

„Ве информираме дека Секторот за компјутерски криминал не е запознаен со пријавениот профил и клиповите објавени во него. Ве информираме дека од страна на Секторот за компјутерски криминал ќе биде започната постапка за откривање на сторителите“, стои во официјалниот одговор од МВР.

Овој случај уште еднаш го отвора прашањето за трендовите меѓу младите на социјалните мрежи, кои во трката по прегледи и „лајкови“ неретко се впуштаат во ризични активности кои се опасни по нивниот живот и за кои следува законска одговорност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни