Македонија

Манасиевски: Без цврсти гаранции нема доверба – што ако по уставните измени Софија побара да признаеме дека Гоце Делчев е Бугарин?

Манасиевски: Без цврсти гаранции нема доверба – што ако по уставните измени Софија побара да признаеме дека Гоце Делчев е Бугарин?

Македонија веќе не води потчинувачка надворешна политика „со главата во ѕид“, туку настапува достоинствено и со аргументи пред меѓународната заедница. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, објаснувајќи го новиот пристап на државата во разговорите со Европската Унија и решавањето на спорот со Бугарија.

Според него, во изминатите две години е забележлива сериозна промена на наративот и кај самите европски функционери, кои сè почесто признаваат дека Македонија направила огромни отстапки и оти е потребно да се размисли за гаранции кои ќе го олеснат евроинтеграцискиот пат.

Манасиевски посочи дека досегашните политики се воделе директно на штета на македонскиот идентитет, што го потврдуваат и изјавите на поранешни функционери од претходната власт.

„Го слушав деновиве поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој самиот признава дека дури и да ги спроведеме уставните измени, Бугарија утре повторно има можност да стави вето во делот на акцискиот план за малцинствата. Тоа само по себе покажува колку биле погрешни претходните политики. Бугарија веќе стави вето за Асоцијацијата ‘Три мориња’ и за акцискиот план за малцинствата, и покрај согласностите од Европската комисија и Венецијанската комисија“, нагласи Манасиевски.

Тој потенцираше дека токму поради овие причини Владата инсистира на цврсти гаранции, бидејќи уставните измени не се и нема да бидат последниот чекор или барање од Софија.

На прашањето дали во моментов се гледаат некакви позитивни сигнали од Бугарија, портпаролот на владејачката партија одговори негативно, потсетувајќи на ставовите на бугарскиот државен врв.

„Според мене, моментално нема позитивни сигнали. Неодамна повторно стана вирално едно актуелно видео од 2019 година каде Румен Радев вели дека Гоце Делчев е Бугарин, а дека Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост која доаѓа од Бугарија. И сега, како ние да веруваме дека откако ќе ги ставиме Бугарите во Уставот, тоа ќе биде последно барање? Што ако утре побараат да признаеме дека Гоце Делчев или Јане Сандански се Бугари, дека до 1945 година сме биле Бугари, а македонскиот јазик е само дијалект? Преку некои работи едноставно не може да се помине“, дециден е Манасиевски.

Како единствен правилен пат за надминување на кочниците, Манасиевски го посочи директниот, но достоинствен дијалог. Тој ја спомена и неодамнешната средба на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, со неговата бугарска колешка, оценувајќи ја како чекор во вистинската насока.

„Очигледно е дека Бугарија нè блокира, никој друг. Затоа велиме – ајде да седнеме и да разговараме преку дебата и со изнесување на нашите ставови. Но, тие ставови веќе нема да бидат потчинувачки како порано, туку цврсти и достоинствени. Само така Македонија може да биде дел од Европа“, заклучи Манасиевски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни