Манасиевски со бројки против СДСМ: Го намаливме јавниот долг за 3% во однос на долгот што го напумпа претходната власт
РРедакција|
ВМРО-ДПМНЕ ужива огромна и стабилна поддршка од граѓаните затоа што реализира реални економски политики, додека тезите на СДСМ и Венко Филипче немаат никаков кредибилитет во јавноста. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, кој направи детална анализа на партиските рејтинзи и состојбата со јавниот долг на земјата.
Како илустрација за довербата на граѓаните во владините политики, Манасиевски ги посочи огромните разлики во рејтинзите помеѓу лидерите и партиите, според последните анкети.
„Христијан Мицкоски како лидер има рејтинг од 24-25%, додека Венко Филипче има едвај 3,6%. Разликата е четири до пет пати поголема. Кај партиите е исто – ВМРО-ДПМНЕ има 23-24% поддршка, а Социјалдемократскиот сојуз едвај 4%. Кога зборува некој со 25% рејтинг, граѓаните веруваат во тие политики, а не во приказните на СДСМ“, потенцираше Манасиевски.
Одговарајќи на острите критики од опозицијата во Собранието дека новото задолжување од 260 милиони евра е наменето за редовна исплата на плати поради лош буџет, Манасиевски категорично ги демантираше овие тврдења. Тој појасни дека овие средства се веќе предвидени во Буџетот со цел да се рефинансираат старите долгови кои ги остави претходната власт.
„Тие пари не се за тековни плати, платите се веќе предвидени и обезбедени. Овие 260 милиони евра се користат за да се вратат старите долгови што СДСМ ги земаше и ги стави на товар на буџетот. Конкретно, дел од нив ќе одат за враќање на еврообврзницата од 2020 година, која изнесува 350 милиони евра“, објасни портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски изнесе и ретроспектива на бројките со јавниот долг, правејќи јасна компарација помеѓу периодот кога СДСМ и ДУИ ја напуштија власта и моменталната состојба во 2026 година.
Состојба во 2017 година: При заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт, јавниот долг изнесуваше околу 44-45% од БДП (или 4,9 милијарди евра).
Состојба при примопредавање на власта: СДСМ и ДУИ ја напуштија владата оставајќи јавен долг од дури 61,4% од БДП, односно сума близу 10 милијарди евра (двојно зголемување во апсолутна бројка).
Актуелна состојба (Прв квартал, 2026 година): Јавниот долг во моментов е намален на 58-59%, што претставува пад од околу 3%.
Министерството за финансии и Владата успеаја да постигнат пад на јавниот долг, а истовремено да испорачаат капитални проекти и социјална поддршка за граѓаните, тврди Манасиевски.
„И покрај ова намалување на долгот, ние водиме политики со кои ги зголемивме платите и пензиите. Во Македонија во моментов има вистински градежен бум – се гради насекаде низ територијата. Се градат нови градинки, училишта, болници, здравствени домови и автопати. Народот тоа го препознава и затоа ни ја дава поддршката“, заклучи Манасиевски во своето гостување.