Манасиевски: Тезата на СДСМ дека не сакаме во ЕУ пропаѓа во вода, реформите и стратешките партнерства го докажуваат спротивното
РРедакција|
Тезата на опозициската СДСМ дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ води поинаква политика која ја оддалечува државата од Европската Унија целосно пропаѓа во вода. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, кој нагласи дека членството во ЕУ останува прва и стратешка аспирација на партијата, јасно зацртана и во Уставот и во партискиот Статут.
Како клучен аргумент против обвинувањата на опозицијата, Манасиевски ги посочи конкретните резултати во реформскиот процес и соработката со меѓународните партнери.
„Ако ние не сакавме да бидеме дел од ЕУ, немаше да ги исполнуваме реформите од реформската агенда, за кои шефовите на мисиите на земјите членки на Унијата, при посетата на Владата во април, потврдија дека имаме голем напредок. Исто така, го завршивме и пост-мониторингот со Советот на Европа, докажувајќи ги нашите демократски капацитети“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека земјата развива силни стратешки партнерства со земји членки на ЕУ, како Унгарија и Хрватска, а потпишана е и заедничка изјава за одбрана и безбедност со ЕУ, со што Македонија стана една од првите во регионот што направила таков исчекор. Како дополнување на меѓународната позиција, тој ги спомена и стратешките договори со САД и Обединетото Кралство.
За барањето на СДСМ за референдум
Коментирајќи го барањето на опозицијата за организирање референдум за тоа како да продолжи патот кон ЕУ, Манасиевски потсети на претходните искуства со плебисцитарно изјаснување организирано од социјалдемократите.
„Паметите пред неколку години како заврши референдумот што го организираше СДСМ – тогаш не се испочитува волјата на граѓаните. Еве нè денес, седум-осум години по тој референдум, гледаме каде сме како држава“, потенцираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.