Зголемување на Бруто домашниот производ и намалување на иселувањето од Македонија е главниот концепт кој го нуди професорот Марјан Бојаџиев. Преку „Македонија Мегалополис“ 145 илјади административци треба да бидат распоредени во 10 големи градови низ Македонија со цел нивен развој.
„Со тоа би се намалило иселувањето. Замислете го Кочани со 15.000 административци. Ќе биде регионален центар за Берово, Пехчево, Делчево и Виница и луѓето нема да имаат потреба да се иселуваат ако постојат магистрални патишта. Тие ќе можат да живеат во своето место, а да работат во Кочани. Тоа ќе го спречи иселувањето кое е фрапантно“ вели професорот Марјан Бојаџиев.
Дел од академиците се согласуваат со концептот кој го нуди професорот Бојаџиев.
За развој на „Македонија Мегалополис“ клучен фактор е патната инфраструктура со што би се поврзале регионите. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, рече дека секаде во Македонија се гради.
Засега не е позната бројката колку млади ја напуштиле Македонија во изминатите години, а нема точна бројка на Македонци кои добиле бугарски пасош кој им ги отвора портите во Европската унија.
Проценките кои се прават, велат дека 550 илјади граѓани во последните години ја напуштиле земјава.
