Марјановиќ: Македонија нема вистински скрининг, туку само обиди кои создаваат хаос

Довербата на онколошките пациенти во македонскиот здравствен систем е сериозно разнишана, а според Ана Марјановиќ од „ХЕМА-ОНКО“, државата сè уште нема функционална скрининг програма. Во изјава за 4tv.mk, таа појасни дека досегашните активности биле само обиди кои не ја опфаќаат целата популација и немаат јасна патека за пациентот по детекцијата на болеста.

„Залудна е скрининг програмата ако немаме патека за пациентот. Во еден град има ехо, но нема мамограф; ако има мамограф, нема радиолог да ги прочита резултатите,“ истакна Марјановиќ за 4tv.mk. Таа додаде дека претходниот модел на регистрација преку интернет бил несоодветен за повозрасните граѓани и дека државата мора да сфати дека раното откривање на канцерот не само што спасува животи, туку и драстично ги намалува трошоците за скапите терапии во доцните стадиуми.