Македонија

Марковски: Најчувствителните кабли на мостот „Беласица“ на 200°C ги менуваат својствата, потребни беа подетални испитувања

Марковски: Најчувствителните кабли на мостот „Беласица“ на 200°C ги менуваат својствата, потребни беа подетални испитувања

Иако по мостот „Беласица“ во Скопје секојдневно се одвива сообраќај, за ваков сериозен инфраструктурен проект беа потребни далеку подетални испитувања за да се утврди неговата вистинска безбедност по големиот пожар. Ова го истакна професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, во своето гостување во „Ноќно студио“ на „4ТВ“, откривајќи дека тој лично од принцип одбива да вози по овој мост.

Професорот потенцира дека пожарот, кој според првичните изјави на пожарникарите траел повеќе од 4 часа, остава сериозни последици врз бетонот и конструкцијата кои не можат да се проценат само со површни визуелни прегледи.

„Не го возам мостот од принцип, во внатрешноста има скриени работи“

На прашањето дали секојдневно патува преку мостот „Беласица“, професорот Марковски одговори негативно, наведувајќи две причини.

„Прво, објективно послабо гравитирам кон тој дел од градот, но второ – не го возам и од принцип. Убеден сум дека за вака сериозен објект требаше малку подетално испитување. Без никаква намера да навлегувам во конфликти со колегата кој го работеше истражувањето, денес постојат методи со кои ќе можевме помирно да спиеме. А мирниот сон нема замена. Може да има многу скриени работи внатре во таа конструкција и затоа требаше да испитаме сè што може да се испита за да кажеме со сигурност дека мостот е супер“, вели Марковски.

Најкритичната точка: Каблите за преднапрегање се релаксираат на 200°C

Професорот подетално ја објасни инженерската структура на мостот, посочувајќи дека неговата носивост зависи од три материјали: обичен бетон, арматура и кабли за преднапрегање изработени од високојакосен челик. Токму каблите се најчувствителни на екстремни температури.

„Каблите за преднапрегање имаат огромно учество во носивоста на мостот. Нивното оштетување или намалување на способноста може сериозно да влијае врз целиот објект. Ако до овие кабли стигне температура од 200 степени Целзиусови, тие ги менуваат своите својства и почнуваат да се релаксираат. Бидејќи се затегнати, тие ја создаваат внатрешната сила во бетонот, а на висока температура таа сила опаѓа. Таму имаше кабли кои беа многу блиску до местото на пожарот, а тоа остана неутврдено. Според мене, не може од надворешни показатели да тврдиме дали тие попуштиле или не“, предупредува тој, додавајќи дека и покрај извршеното пробно товарење, постојат уште неколку испитувања кои драстично би го подигнале степенот на вистината.

Нејасни параметри и оштетени лежишта

Како дополнителен пропуст кој налага уште поголема предострошност, Марковски го посочува фактот дека сè уште нема официјален, званичен документ за точната времетраење на пожарот.

„Четири часа е многу долг период за пожар и во тоа време може сè да се случи. Бидејќи нема документ во кој точно е дефинирано колку траел пожарот, влезните параметри ни се матни, а тогаш ризикот мора да го сведеме на минимум со дополнителни истраги. Исто така, сметам дека и лежиштата на мостот го имаат изгубено своето својство од пожарот и требаше да се заменат, иако и за тоа имавме полемики со колегата што го вршеше испитувањето“, заклучува професорот Горан Марковски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни