Најмалку 30 лица загинаа во брутален напад на вооружени лица врз селото Наридон, лоцирано во сојузната држава Кадуна на северозападот на Нигерија, јавува агенцијата АП, повикувајќи се на изјави на локални жители.
Нападот се случил доцна во неделата навечер во областа Каура. Покрај загинатите, голем број луѓе се повредени, а телата на жртвите се веќе пренесени во блиската болница каде што се подготвува нивниот погреб. Локалните граѓански организации реагираат дека истото подрачје било цел на сличен напад и минатата година, обвинувајќи ги властите дека го оставиле населението на милост и немилост.
Засега никој нема преземено одговорност за овој колеж. Североисточниот и централниот дел на Нигерија со години се на мета на вооружени банди кои редовно ограбуваат села и киднапираат луѓе за откуп. Овие напади, заедно со долгогодишните активности на џихадистичките групи како Боко Харам, ја тресат безбедноста на земјата и предизвикуваат дипломатски тензии, особено со САД, кои ги обвинуваат нигериските власти за недоволна заштита на христијанското население.