Мавровското Езеро станува центар на засилени активности во пресрет на едно од најголемите спортски случувања што ќе се одржат во земјава – Светското првенство во спортски риболов на крап, закажано за септември 2026 година.
Во рамки на подготовките, во водите на езерото деновиве се реализира првата поголема акција за збогатување на рибниот фонд. Вчера беа пуштени околу 2.000 килограми крап, како дел од поширок план за унапредување на водниот екосистем во Националниот парк „Маврово“.
Од Јавната установа Национален парк „Маврово“ информираат дека ова претставува почеток на континуирана програма за порибување, која ќе продолжи и во наредниот период со нови активности насочени кон стабилизирање и развој на рибниот фонд.
Паралелно со овие активности, од денес стапува на сила забрана за лов на крап во Мавровското Езеро, која ќе трае до завршувањето на светското првенство. Мерката има за цел да обезбеди стабилни услови за развој на рибата и непречено одржување на натпреварувањето.
Од управата на паркот посочуваат дека сите активности се спроведуваат во соработка со Македонската риболовна федерација, како дел од заедничката стратегија за развој на спортскиот риболов и промоција на риболовниот туризам.
Според надлежните, ваквите вложувања треба да придонесат Маврово да се позиционира како значајна меѓународна дестинација за спортски риболов и туристички настани од голем обем.
Подготовките за Светското првенство започнаа уште претходно, а во март годинава беше потпишан и меморандум за соработка меѓу локалната самоуправа, Националниот парк „Маврово“ и Македонската риболовна федерација, со кој се утврди рамката за заедничка организација на настанот.