Македонија

Меџити: ДУИ сами си ги пишуваат заканите и ги пријавуваат во МВР

Меџити: ДУИ сами си ги пишуваат заканите и ги пријавуваат во МВР

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изјави дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) сами си ги пишуваат заканите и потоа ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според него, тврдењето дека Елјеса Незири, предложен за директор на Државниот завод за индустриска сопственост, има кривична пријава за насилство не е точно.

„На ДУИ никој не им се закануваше додека беа власт, така што нема никаква логика некој да им се заканува сега, кога се опозиција. Имаат проблем со сами себе. Според мои потврдени информации, сами ги пишуваат заканите и сами ги пријавуваат во МВР. Во делот на заканите, ни ние, ни тие не треба да се плашат за своите челници, а во делот на прекршувањето на законите и одговорноста, тоа е друго прашање“, истакна Меџити.

Тој додаде дека не е точно дека Незири има кривична пријава и објасни дека тој се занимава со спорт, конкретно со фудбал, и дека при организирање турнир имало натегање во публиката, а тој влегол да ги раздели и бил сведок.

Меџити истакна дека е важно какви информации се пласираат во јавноста и нагласи дека треба да се внимава на точноста на информациите кои се пренесуваат.

„Не е точно дека Незири има кривична пријава. Се занимава со спорт, со фудбал и при организирање турнир имало натегање во публиката, влегол да ги раздели и бил сведок. Ако одиме така, тогаш никој од нас не исполнува услови да биде дел од власта. Треба да бидеме конкретни и јавноста да биде детално информирана. Има и многу други „фејк њуз“ што се пуштаат од ДУИ“, додаде Меџити.

Претседателот на Собранието Африм Гаши вчера информира дека пратениците на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач и апелираше надлежните институции да го истражат инцидентот. МВР, пак, во петокот, информираше дека на 25 јули претставник на една политичка партија пријавил дека на службените електронски адреси на неколку пратеници била испратена порака со заканувачка содржина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни