Здружението на новинарите на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми се сериозно загрижени поради целосниот застој на постапката за избор на членови на Советот на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на Македонската Радио Телевизија.
Тие ги повикаа претседателот и членовите на Комисијата за избори и именување при Собранието да го отпочнат процесот за избор на членови на овие тела. Секое попречување или одолговлекување на процесот сериозно ќе влијае врз спроведувањето на процесот на медиумски реформи во државата, се вели во нивното заедничко писмо.
-Од изборот на членови во овие тела директно зависат долгоочекуваните системски промени во медиумската сфера, кои треба да овозможат медиумите да работат независно и професионално. Потсетуваме дека медиумските реформи се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност-се вели во заедничкото писмо на ЗНМ, СЕММ, ССНМ и МИМ.
Но, претседателот на Комисијата за избори и именувања вели дека уште пред два месеци остварил контакти по ова прашање со другите парламентарни групи, од кои не добил повратен одговор.
Од СДСМ пак, вели дека ставот на пратеничката група на СДСМ е јасен и дека изборот на членовите на овие две тела е во интерес на државата.
-Секако во однос на членовите на АВМУ и програмскиот совет на МРТВ, нашиот став е јасен. Претседателот на комисијата веднаш да свика седница на Комисијата за избори и именувања и да ја отвориме точката. Во интерес на државата е што поскоро да се заврши процесот околу избор на членовите на АВМУ и програмскиот совет на МРТВ-вели Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.
Контактиравме и со владејачката ДУИ, но од таму немаа што да кажат по ова прашање. Конкурсот за избор на членови на Советот на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на Македонската Радио Телевизија беше отворен во јануари годинава, а одлуката за избор на членовите на двете тела требаше да се случи веднаш по претседателските избори. Реформите во медиуми, беа нотирани како неопходни и во последните извештај за земјата, кои во пракса никако да се деблокираат.
РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ