Македонија

Мемов: Ангажирањето на пензионерите во приватниот сектор е од корист и за бизнисот и за државата

Мемов: Ангажирањето на пензионерите во приватниот сектор е од корист и за бизнисот и за државата

Наместо увоз на странски работници, македонскиот пазар на труд спас од акутниот недостиг на кадар би можел да најде во сопствените ресурси – преку концептот на активно стареење и ангажман на пензионерите. Ова беше клучната порака од тркалезната маса во организација на Комората за приватно обезбедување, посветена на изнаоѓање итни решенија за подобрување на состојбите со работната сила во овој сектор. На настанот, насловен како „Недостигот на работна сила: Од предизвик до можност преку активно стареење и искористување на позитивни искуства“, со свои предлози се вклучи и директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов.

Искуството на пензионерите како одговор на пазарните потреби

Иако Фондот на ПИОМ не е институција која креира политики, директорот Мемов нагласи дека врз основа на нивното практично искуство, можат и сакаат да понудат решенија за подобрување на пазарот на труд.

„Сметам дека пензионерите кои сакаат и се во добра здравствена состојба, треба да имаат можност за работа. Актуелната состојба на пазарот на трудот покажува дека има потреба од нив. Во областа на приватното обезбедување тие навистина може да дадат придонес, бидејќи поседуваат големо искуство и ги имаат бараните вештини“, истакна Мемов.

Тој јасно дефинираше дека ваквото законско решение треба да се однесува исклучиво за вработување во приватниот сектор, каде што социјалниот и економскиот ефект би бил најголем.

Моделот носи „троен бенефит“

Според Мемов, со законското овозможување на ваквиот ангажман ќе се постигне трикратен позитивен ефект во државата:

За работодавачите: Брзо пополнување на слободните работни места со искусни профили.

За државата: Прилив на дополнителни средства во буџетот преку плаќање придонеси за пензиско и здравствено осигурување.

За пензионерите: Значително подобрување на животниот стандард со истовремено примање и на плата и на пензија.

Реорганизација на пазарот наместо увоз на кадар

Професорот д-р Лазар Јовевски предупреди дека стареењето на нацијата е неминовен факт и оти ова прашање е директно поврзано со опстанокот и иднината на државата. Според него, Македонија се наоѓа пред два патишта:

Увоз на странска работна сила – модел кој веќе ги покажува своите негативни нуспојави во западните земји.

Внатрешна реорганизација – надминување на домашните недостатоци со сопствени сили.

„Ако се договориме за вториот пат, тогаш ќе треба темелно да се редефинира правно-економската регулаторна рамка со која ќе се овозможат нови решенија за вработување и нови правила на пазарот на труд“, појасни Јовевски.

Регионалните искуства како патоказ за итни измени

Претседателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска, посочи дека секторот за приватно обезбедување е во незавидна позиција и бара брза реакција. Таа посочи примери од соседството каде што на пензионерите веќе со години им е законски дозволено да работат и паралелно да си ја задржат заслужената пензија.

Учесниците на тркалезната маса беа едногласни: законската регулатива мора да претрпи итни измени. Само така ќе се обезбеди неопходната работна сила која веднаш ќе ги пополни празните позиции и ќе ја гарантира безбедноста и стабилноста на секторот за приватно обезбедување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни