Собранието денеска ја избра Мери Дика Георгиевска за нов судија на Уставниот суд, откако предлогот во собраниската сала доби поддршка од 64 пратеници.
Одлуката ја соопшти претседателот на Собранието, Африм Гаши, веднаш по спроведеното гласање на кое немаше гласови против или воздржани.
„Судија на Уставниот суд се избира со мнозинство гласови. Предлогот Мери Дика Георгиевска да биде избрана за судија на Уставниот суд го ставам на гласање. Со 64 гласа ‘за’, без ниту еден против или воздржан, Дика Георгиевска е избрана за судија на Уставниот суд“, изјави Гаши.
Веднаш по изборот, Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците, со што и официјално ја презеде новата функција.
Мери Дика Георгиевска зад себе има децениско искуство во правосудниот систем. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1985 година, а правосудниот испит го положила во 1987 година. Своите магистерски студии по правни науки ги заокружила на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје во 2014 година.
Професионалниот пат го започнува како адвокатски приправник и стручен соработник, за подоцна да отвори и сопствена адвокатска канцеларија. Во судиските води влегува во 1996 година како судија во тогашниот Основен суд Скопје II, каде што останува до 2005 година, кога кариерата ја продолжува во Апелациониот суд Скопје.
Во нејзината биографија се впишува и функцијата член на Судскиот совет, каде што членуваше во периодот од 2012 до 2018 година. По завршувањето на овој мандат, таа повторно се враќа во Апелациониот суд Скопје, каде што во 2023 година е избрана за претседател на судот.
Во текот на својата кариера, Георгиевска раководеше и со стопанските оддели во Основниот и во Апелациониот суд. Покрај македонскиот, активно го говори и англискиот јазик.