Македонија

Министерството со своја пресметка за трошоците на живот – владината кошничка е за над 10.000 денари пониска од синдикалната

Министерството со своја пресметка за трошоците на живот – владината кошничка е за над 10.000 денари пониска од синдикалната

Различни пресметки за трошоците на животот отвораат прашање колку навистина му е потребно на едно семејство за да го помине месецот. Според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), синдикалната минимална кошница во октомври достигна 70.358 денари, додека од Министерството за економија и труд посочуваат дека растот на платите во последниот период е повисок од инфлацијата.

Синдикалната пресметка покажува дека во споредба со септември, потребните средства за основните месечни потреби на едно четиричлено семејство се зголемиле за 926 денари. Доколку семејството живее под кирија, вкупните трошоци достигнуваат 85.733 денари.

Најголем дел од семејниот буџет оди за храна и пијалаци, за кои во октомври биле потребни 26.170 денари месечно.

Од друга страна, Министерството за економија и труд објави сопствена пресметка на потрошувачката кошничка, според која на едно четиричлено семејство во август му биле потребни 58.475 денари. Во истиот месец, синдикалната кошница изнесувала 68.675 денари, што претставува разлика од 10.200 денари.

Од Министерството објаснуваат дека разликата произлегува од различните методологии, како и од производите и услугите опфатени во пресметките. Во владината кошничка не се вклучени трошоците за кирија или за станбен кредит.

Заменик-министерот за економија, Маријан Ристески, оценува дека односот меѓу растот на платите и инфлацијата е подобрен во споредба со претходните периоди. Тој посочи дека, и покрај притисоците врз цените на храната и енергенсите, платите во последниот период растеле побрзо од цените.

„Во минатото имавме ситуации во кои инфлацијата беше повисока од растот на платите, додека во последниот период инфлацијата изнесуваше околу 4,5 проценти, а растот на платите беше над 7 проценти. Тоа укажува на подобрување на односот меѓу растот на платите и цените, што е важно за зачувување на куповната моќ на граѓаните“, изјави Ристески.

Тој посочи дека воените конфликти на Блискиот Исток и во Украина создаваат проблеми во снабдувањето со енергенси и суровини за производство на храна, што се одразува врз цените за крајните потрошувачи.

Сепак, според Ристески, владините мерки дале одредени резултати, а Македонија, според објавените податоци, бележела релативно ниска инфлација во споредба со дел од европските и регионалните земји.

Во однос на минималната плата, заменик-министерот нагласи дека таа се усогласува согласно постојната законска формула. Владата, како што посочи, ги следи и просечната и медијалната плата, со цел да се подобрат животниот стандард и куповната моќ на граѓаните.

Прашањето за минималната плата останува тема на разговор меѓу Владата, работодавците и синдикатите во рамките на Економско-социјалниот совет. Ристески нагласи дека е важно сите релевантни страни да учествуваат во дијалогот, при што на една од седниците како главна тема била најавена предложената потрошувачка кошничка.

Според него, подобрувањето на животниот стандард зависи од повеќе фактори, меѓу кои растот на платите, продуктивноста, бруто-домашниот производ и вкупната економска активност.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни