Македонија

Министерството за култура се прости од Сашо Миленковски: Македонија загуби голем театарски творец

Министерството за култура се прости од Сашо Миленковски: Македонија загуби голем театарски творец

Министерството за култура и туризам со длабока тага ја прими веста за смртта на истакнатиот македонски театарски режисер, драматург и културен деец Сашо Миленковски, оценувајќи дека со неговото заминување македонската култура загуби еден од своите најзначајни и најавтентични театарски творци.

Во соопштението се наведува дека Миленковски зад себе остави богат уметнички опус и неизбришлива трага во современиот македонски театар. Во текот на својата повеќедецениска кариера реализирал повеќе од педесет театарски претстави, афирмирајќи ја македонската драмска литература и создавајќи сценски дела што ќе останат трајна вредност во националното културно наследство.

Од Министерството потсетуваат дека Миленковски бил режисер, драматург и директор на Македонскиот народен театар, а подоцна и драматург во Драмскиот театар – Скопје. Според нив, неговата посветеност, визија и препознатлив авторски ракопис дале исклучителен придонес во развојот на македонската театарска уметност и во промоцијата на домашното творештво во земјата и во странство.

„Неговата посветеност, визија и препознатлив авторски ракопис инспирираа генерации театарски уметници и оставија длабок белег во културниот живот на Македонија“, се наведува во соопштението.

Министерството за култура и туризам изрази искрено сочувство до семејството на Сашо Миленковски, неговите колеги, пријатели и до целокупната македонска културна јавност, истакнувајќи дека споменот на неговото значајно творештво ќе остане трајно вграден во историјата на македонската култура.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни