Мирен протест на матичните лекари во Прилеп, не се согласуваат со строгата казнена политика на ФЗОМ

Со мирен протест матичните лекари од Прилеп го искажаа својот револт против предлог договорите на Фондот за здравствено осигурување и строгата казнена политика. Тие велат дека токму ова е причината поради која во последните 10 години голем број на нивни колеги заминаа да работат во странство.

„Согласно разговорите со светската здравствена организација и светската банка како и ЕУ директивите кон кои се стреми ова наше општество, очекуваме да се исполнат нашите барања. Примарната здравствена заштита е основен фундамент не само на нашата држава туку и на целокупното здравство во ЕУ и важен бенефит за здравствената каса“, изјави Д-р Билјана Зајкоска Трајкоска, матичен лекар.

Се вчитува...

53 матични лекари од Прилеп бараат пациентите да се водат на приватни здравствени установи и да им биде покачен капитациониот бод. Се надеваат дека Министерството за здравство ќе ги слушне нивните барања и ќе дојдат до обострално прифатливо решение во интерес на пациентите.

„Често во јавноста се меша плата на лекар со капитација. Капитацијата значи буџет со кој располага здравствената установа. Во текот на еден месец ако се случи казна , тогаш како би работела здравствената установа“, додаде Билјана Зајкоска Трајкоска.

Доколку не се најде решение, тие велат дека нема да ги потпишат договорите со Фондот за здравствено осигурување. Вакви протести претходно се одржаа и во други градови низ Македонија.

Во Македонија над  еден милион и 700 илјади  осигуреници имаат избрано матичен лекар и оваа бројка е со континуиран пораст од година во година. Во просек секој матичен лекар има 1159 пациенти за кои Фондот исплаќа 104.367 денари.

Репортер: Јовица Пауноски

 

Извор: ТВ21