Министерството за одбрана од понеделник ги започнува преговорите со синдикатите за нов колективен договор, кој предвидува зголемување на платите и на бодовите за нивно пресметување за припадниците на Армијата од следната година. Ова го најави ресорниот министер Владо Мисајловски, кој појасни дека во наредните години планирано е и дополнително процентно покачување, согласно буџетските можности.
Паралелно со новите инвестиции, Министерството се соочува и со сервисирање на наследени долгови од минатото, пред сè поради илјадници тужби кои се исплаќаат годишно. Според Мисајловски, со актуелниот ребаланс на буџетот, фокусот е ставен на покривање на овие стари обврски, но и на обезбедување средства за модернизација и подобрување на капацитетите на Армијата.