Во најновото гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, портпаролката на Владата, Марија Митева, низ силни метафори и емотивен говор ја опиша својата визија за татковината, ставајќи го акцентот на младите како најважен столб за иднината на државата.
Запрашана за тоа што за неа претставува државата, Митева со поетски речник ги опиша своите чувства, поврзувајќи ги со македонската книжевна традиција и идентитет.
„Македонија за мене е најголема љубов, татковина и сила по секој пораз. Таа е како вечен пиреј и нешто што е бесконечно. Не би можела со други зборови подолго да опишам што значи таа за мене. Ова е наша заедничка татковина и сè што треба да правиме е да градиме подобра иднина“, истакна Митева.
Митева беше децидна дека чекањето на „идеален момент“ за реформи во здравството, образованието и враќањето на младите е минато. Според неа, развојот мора да биде континуиран процес, а не повремена акција.
„Не смееме да се задоволиме со статус-кво. Мора да гледаме напред и да се развиваме во сите сектори.“, рече таа.
Владината програма го третира образованието како еден од клучните столбови за кои се ангажирани сите капацитети и ресурси.
Зборувајќи за масовната миграција на младите, портпаролката посочи дека решението не е само во реториката за Европската Унија, туку во практичната примена на тие стандарди во сопствената држава.
„Зборуваме многу за ЕУ, но клучот е како тие европски вредности да ги имаме тука, дома. Европската Унија без тие вредности не би била тоа што е. Младите се сериозен потенцијал и јас верувам дека имаме капацитет заеднички да ја градиме државата“, заклучи Митева во интервјуто.
На крајот, таа уште еднаш потенцираше дека претстојното одбележување на 35-годишнината од независноста е одличен момент светот да ја види македонската култура, историја и идентитет во нивното најдобро светло.