Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, портпаролката на Владата, Марија Митева, упати остри критики до опозицијата поради нивните обиди да го дискредитираат претстојниот концерт на David Guetta во Скопје. Таа порача дека граѓаните заслужуваат достоинствено одбележување на 35-годишнината од независноста, без политички манипулации.
Исти правила за сите: И странците ќе можат да дојдат под исти услови
На прашањето како ќе се менаџира очекуваниот голем интерес од регионот и светот, Митева појасни дека процедурата е транспарентна и еднаква за сите.
„Регистрацијата е еднаква за сите. Организаторот има подготвено методологија како тоа ќе се реализира и веруваме во нивното долгогодишно искуство за организирање големи настани. Наша цел е да покажеме дека Македонија може да биде домаќин на светски шоуа“, изјави Митева.
Одговор на обвинувањата за „нетранспарентност“
Митева директно одговори на прес-конференцијата на опозицијата, нарекувајќи ги нивните напади „беспредметни“ и плод на „недостаток на аргументи“. Таа појасни дека одредени информации се соопштуваат етапно поради строгите договори со меѓународните артисти.
„Како Влада, навремено и транспарентно ќе ја информираме јавноста за сите детали. Но, смешно е кога опозицијата прави компарации со студентски домови — токму оние кои ветуваа ‘Студентски град’, а зад себе оставија само руини. Нивните изјави се толку какафонични и без смисла, што навистина е жално јавноста да биде сведок на таква дебата“, истакна портпаролката.
„Ако не сакаат да поздрават, барем нека премолчат“
Во својот препознатлив стил, Митева со доза иронија се осврна на музичкиот вкус на опозициските лидери, сугерирајќи дека нападите можеби се должат и на лични преференции.
„Разбирам дека вакви артисти можеби не се по нивна желба. Сме виделе дека лидерот на таа партија ужива на забави со сосема поинаков тип на музичари, но тоа е друга работа. Очекував дека за ваков јубилеј, ако веќе не сакаат да го поздрават настанот, барем ќе премолчат“, додаде таа.
Спектакл кој ја позиционира Македонија на светската мапа
Митева заклучи дека фокусот останува на достоинственото прославување на празникот и дека Владата стои зад одлуката да се донесе светско име кое ќе го сврти вниманието на меѓународната јавност кон Скопје.