МИТОВСКИ МУ ПРКОСИ НА ФИЛИПЧЕ: Јас сум избран од граѓаните на Крива Паланка и ним им одговарам, моја обврска е да носам одлуки што значат развој!

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, не стивнува со своите директни и често остри критики кон внатрешното функционирање на СДСМ. Во гостувањето на 4ТВ, тој отворено проговори за заладените релации со претседателот на партијата, Венко Филипче, нагласувајќи дека неговата единствена обврска се граѓаните, а не политичките калкулации на партискиот врв.

Конфликт поради рудникот „Луке“ и антимонот

Главната точка на разединување помеѓу Митовски и раководството на СДСМ е најавената инвестиција поддржана од американската влада за рестартирање на рудникот за реткиот минерал антимон во селата Луке и Крстов Дол. Додека партијата зазеде критичен став, Митовски застана во одбрана на проектот.

Се вчитува...

„Мојот став е исклучиво принципиелен и воден од интересот на граѓаните. На оваа инвестиција не треба да се гледа политикански. Моја обврска е да носам одлуки што значат развој за градот, дури и ако тие не се во согласност со ставот на партијата“, дециден е Митовски.

СДСМ на историски најниско ниво

Митовски не штедеше зборови ниту за моменталната состојба во која се наоѓа социјалдемократскиот сојуз по последните изборни циклуси. Тој смета дека е „апсолутно недозволиво“ партијата да биде на толку ниско ниво и дека недостатокот на внатрешен демократски капацитет за дебата е сериозен проблем.

„Жално е што СДСМ како државотворна партија го доживеа овој изборен резултат. По секое несогласување или спротивставување на став, ние мораме да имаме капацитет за дебата во рамките на партијата, а не да реагираме со лични нетрпеливости“, изјави тој.

Принципи пред лични релации

Градоначалникот потенцираше дека неговиот однос со Филипче е чисто принципиелен и професионален, без лични релации. Тој признава дека неговата директност и острина при укажување на грешките веројатно предизвикале бурни реакции кај партискиот лидер.

„Јас сум избран од граѓаните на Крива Паланка и ним им одговарам. Кога се работи за јавниот интерес и економскиот развој на нашата општина, нема простор за партиско слепило“, заклучи Митовски.