„Граѓаните не треба да имаат разбирање за нашите оправдувања, тие ни ја дале довербата за да решаваме проблеми“, вели градоначалникот на Крива Паланка, обвинувајќи ја Агенцијата за храна за политиканство.
Проблемот со слободното движење на добитокот во Крива Паланка не е правен лавиринт, туку прашање на политичка волја. Ова е пораката на градоначалникот Сашко Митовски, кој во своето гостување на 4ТВ упати директен повик за координирана акција, нагласувајќи дека деценискиот проблем може да стане минато за само седум дена.
„Нудиме ресурси, а добиваме медиумски напади“
Митовски открива дека и покрај тоа што Општината нема директна надлежност за ветеринарни прашања, тој понудил целосна поддршка со општински капацитети за спроведување на акциите за заловување. Наместо соработка, вели тој, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) возвратила со обиди за дефокусирање на јавноста.
„Тотална невистина е дека градоначалникот има надлежност во овој случај. Наместо да се препукуваме преку соопштенија и медиуми, треба да седнеме на иста маса. Жално е што ова прашање се гледа низ призмата на политиката“, истакна Митовски во Ноќно студио.
Граѓаните се со право разочарани
На прашањето дали граѓаните имаат разбирање за поделените надлежности меѓу локалната и централната власт, градоначалникот беше дециден: „Не. И не треба да имаат. Кога граѓаните ни ја даваат довербата, тие очекуваат нивните ниви и имоти да бидат заштитени, а не да слушаат кој е надлежен, а кој не.“
Решение за седум дена?
Според првиот човек на Крива Паланка, формулата за успех е едноставна – синхронизирана акција меѓу АХВ, Општината и Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Најодговорно тврдам: ако сме сериозни и ако сите чинители излезат на терен со искрена намера, овој проблем ќе биде решен за не повеќе од една недела. Сето останато е само генерирање на нови разочарувања кај граѓаните“, заклучува тој.
Додека „политичката конотација“ го кочи процесот, кривопаланчани и понатаму секојдневно пријавуваат штети, чекајќи ги институциите да преминат од соопштенија на дела.
