Македонија

Мицкоски бара истрага за обвинителите од СЈО: „Сите предмети од СЈО од 2016, да ги преземе ОЈО“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска побара детална истрага за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и за нејзината релација со двајцата обвинети во случајот „Рекет“. Мицкоски на прес-конференцијата во седиштето на партијата побара и детална истрага за директна или индиректна поврзаност на останатите обвинители, но и со псевдонимите за кои, како што наведе, јавноста има сознанија дека се дел од врхушката на СДСМ. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е овие обвинители по престанокот на мандатот да се вратат во матичните обвинителства. Во однос  на предметите на СЈО, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите предмети до 30.06 2017 година, наместо да бидат преземени од новото обвинителство, да бидат преземени од државниот јавен обвинител и прераспредени онаму каде овие дела припаѓаат. ВМРО-ДПМНЕ предлага и финансиска незавиноста на целокупното државно обвинителство.

-Потреба е проверка и детална анализа и истрага за директната или индиректната вмешаност на сите обвинители кои што беа досега помошници на специјалниот јавен обвинител. Дури потоа откако ќе се констатира дали биле или не биле дел од овој срамен процес наречен „Рекет“ тие како и сите останати обвинители во државата ќе имаат можност да конкурираат на однапред објавен конкурс и да бидат дел доколку ги исполнат условите за новото обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција-вели Мицкоски.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни