Македонија

Мицкоски бара пониски цени во маркетите

Мицкоски бара пониски цени во маркетите

Намалувањето на цените на основните прехранбени производи ќе биде главна тема на денешната средба што премиерот Христијан Мицкоски ќе ја одржи со претставници на маркетите, дистрибутерите и трговските компании.

Според најавите, на состанокот ќе се разговара за можностите за корекција на цените во малопродажбата, при што акцентот ќе биде ставен на производите што имаат најголемо влијание врз семејниот буџет на граѓаните.

Мицкоски оцени дека периодот на економски предизвици е зад државата и порача дека сега е моментот компаниите да покажат одговорност кон потрошувачите. Тој истакна дека граѓаните покажале трпение и разбирање во изминатиот период и очекува тоа да биде возвратено преку пониски цени на производите.

„Граѓаните беа толерантни, сега е на ред трговците, дистрибутерите и маркетите да им се одолжат со намалување на цените. Очекувам веднаш да пристапат кон корекција на цените, особено на основните прехранбени производи“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека Владата има на располагање механизми за интервенција доколку не се постигне доброволно намалување на цените и порача дека не гледа простор за оправдувања од страна на трговците.

Од исходот на состанокот, како што посочи, ќе зависи и натамошниот пристап на институциите во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни