Мицкоски до Владата: Снимајте, снимајте, ама еден ден ќе платите

Денеска се одржа третиот протестен марш на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од седиштето на партијата, маршот одеше до Владата на Македонија, а од таму се обрати повторно лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој забележа дека протестот се снима, и имаше порака до Владата.

„Дозволете  ми на самиот почеток, уште еднаш да ги поздравам сите оние кои што од разно разни причини, од притисоци на своите работни места, од закани и уцени на претпоставените номинирани од овие горе што не снимаат, шпионски од оној прозор онаму, снимајте, снимајте ама еден ден ќе платите за тоа што снимате.

Се вчитува...

Да ги поздравам затоа што знам дека и нивните срца се овде доле со нас, дека и тие се со нас и не следат и не подржуваат. Стотици илјади граѓани ширум Македонија во овие декемвриски денови, без разлика дали се овде пред платото на Владата на Република Македонија, или ширум другите плоштади, улици и булевари, по куќите, по домовите, по сокаците и маалата, знам дека ни ја даваат поддршката и дека не има многу и ќе не има уште повеќе, се додека не им го видиме тилот како заминуваат од таму оние шпиони кои што снимаат сега одозгора.

Ја посипаа земјата со црнила, а народот го оковаа со омраза, со љубомора, завист. Тоа е она на кое што тие се подготвени.

Наместо да владеат со проекти, со реформи, владеат со страв и притисоци. Не смееме тоа да им го дозволиме. Овој народ тоа не го дозволува и овој народ и овде и насекаде во Македонија ќе му каже едно големо НЕ на Зоран Заев и СДСМ.

Ветуваа живот, драги сопатници, браќа и сестри, ветуваа живот дека ќе донесат во Република Македонија, а донесоа црнила, донесоа чемер и јад во домовите на нашите сограѓани.

Ништо не се мрда, камен на камен не оставија, национално не омаловажија, ни го уништија достоинството. Го убија Македонецот во Македонецот. Но, нема да се предадеме затоа што Македонецот на Македонецот е Македонец, бил со векови и ќе остане, колку и да пишете колку и да бришете. Колку да снимате од таа вистина нема бегање и нема да ви дозволиме да избегате“, изјави Мицкоски на вечерашниот протест.

Извор: ТВ21