Во ситуација кога како држава се соочуваме со сериозни проблеми и порази, сменето име, идентитет, нелегално прогласена двојазичност, сиромаштија, имаме пресметка на власта со пазарџиите, но и пензии кои се кратат во однос на законски предвиденото, целата држава се соочува со уште еден значаен проблем, каде цената е здравјето на граѓаните, а тоа е проблемот со загадениот воздух, рече Мицкоски на денешното обраќање.
„Последиците однесправувањето на власта со проблемот, се преполни болници, деца и повозрасни кои страдаат од респиратнорни заболувања, изгубено здравје. Загадениот воздух подразбира бавна смрт во кој се губат животи. Владата мора да дејствува. Се работи за здравјето на 2 милиони граѓани.
Не сакам да се разбере ова мое обраќање како политизација на проблемот, туку напротив како вклучен аларм и краен апел институциите на власта да престанат со декларативните мерки, да започнат суштински да се справуваат со проблемот, веднаш и без одложување. Секој поминат ден без решавање на проблемот подразбира нарушено здравје и загубени животи.
Нема оправдувања. Речиси две години се на власт, а ситуацијата не е подобрена. Ветуваа чист воздух, а добивме држава која е на првото, повторувам првото место по најзагаден воздух во светот. Ова подразбира дека сите мерки на институциите се неадекватни и несуштински, и преставуваат вистинско фијаско.
Овој проблем не може да се реши со празни политички флоскули туку со целокупна мобилизација на стручниот и научен потенцијал на државата, како и барање помош од странски експерти и користење на нивното искуство со справување на ваков тип проблем. Одговорите и решенијата треба да ги даваат експерти, но и да се има политичка волја истите да се спроведат.“
Мицкоски кажа дека е потребно прогласување на вонредна состојба, за да се заштити здравјето на граѓаните, а од власта да престанат со празна демагогија и да се погрижи за проблемите на луѓето.