Европската иднина на Македонија, реформите и условите за продолжување на пристапниот процес беа во фокусот на заедничката прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Двајцата испратија пораки за потребата од забрзување на евроинтеграциите, но и за исполнување на обврските што стојат пред државата.
Премиерот Мицкоски изрази благодарност за финансиската и експертската поддршка што земјата ја добива од Европската комисија, нагласувајќи дека Владата останува цврсто посветена на реформите и на европскиот пат.
„Очекуваме процесот на интеграција во Европската Унија да се води според јасни критериуми, европски вредности и исполнување на реформските обврски, а не да биде оптоварен со билатерални прашања кои создаваат неизвесност и фрустрација кај македонските граѓани“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека довербата во процесот е клучна и дека Македонија очекува истите правила да важат за сите земји кандидати. Според него, Владата ќе продолжи со реформите, јакнењето на институциите, економијата и владеењето на правото, а секое трајно решение треба да биде засновано на взаемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна европска перспектива.
Еврокомесарката Марта Кос, од своја страна, оцени дека Македонија има реална можност да направи значителен исчекор кон полноправно членство во Европската Унија, но потенцираше дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходен услов за формално продолжување на пристапните преговори.
Таа повика на меѓупартиски консензус, оценувајќи дека тоа ќе овозможи земјата целосно да го искористи актуелниот моментум во процесот на евроинтеграциите.
Кос посочи дека граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од приближувањето кон Европската Унија преку Планот за раст, а како следни чекори ги наведе преговорите за укинување на роамингот, проширување на можностите преку програмата „Еразмус+“, пристап до европските иницијативи за вештачка интелигенција, здравствени програми и зајакнување на сајбер-безбедноста.
Таа истакна дека полноправното членство ќе донесе уште поголема финансиска поддршка, подобри можности за граѓаните и бизнисите, како и дополнителни инвестиции во инфраструктурата и руралниот развој.
Според Кос, Европската Унија има реални изгледи до 2028 година да добие нова членка од Западен Балкан, а Македонија, како што рече, треба да биде меѓу земјите кои најбрзо ќе напредуваат кон полноправно членство.