Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ги информирал партнерите во НАТО за сериозен дипломатски преседан во Бугарија, откако на социјалните мрежи протече заштитена дипломатска нота со која се загрозува безбедноста на неговото семејство.
Станува збор за официјален документ испратен од македонската амбасада во Софија до бугарското МВР на 6 јануари 2026 година, кој содржи детали за приватното тридневно патување на сопругата на премиерот, Рози, и помалиот син Антонио во зимскиот центар Пампорово. Иако документот објавен на Фејсбук бил аматерски редактиран, во него јасно се гледале чувствителни безбедносни информации: службените возила, имињата на патниците, оружјето на обезбедувањето и радиофреквенцијата на која комуницирале. По објавата, на пробугарски блогови беше поведена медиумска кампања со говор на омраза и содржини генерирани со вештачка интелигенција.
„Сигналите кои доаѓаат оттаму не ме прават оптимист, сметам дека состојбата се радикализира. Вчера видовме еден преседан во дипломатијата, нешто што е невообичаена пракса во светот и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти од нашиот источен сосед кои би биле интересни за јавноста“, изјави денеска Мицкоски.
Премиерот подвлече дека за случајот ја известил Алијансата бидејќи Македонија е земја-членка на НАТО и јавно им се извини на сопругата и синот за непријатностите. Тој додаде дека пораките што пристигнуваат од Софија покажуваат радикализација на бугарските позиции, но порача дека ваквите „аматерски потези“ нема да ја дефокусираат Владата од економските реформи.