Македонија

Мицкоски го пречека Кошта

Мицкоски го пречека Кошта

Премиерот Христијан Мицкоски попладнево пред Владата го пречека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денеска престојува во Скопје во рамки на неговата официјална турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Кошта пристигна во Скопје од Тирана, а на скопскиот аеродром претходно беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Агендата на високиот европски претставник предвидува:

  • Тет-а-тет средба помеѓу премиерот Мицкоски и претседателот Кошта.
  • Билатерален состанок на двете делегации – владината предводена од премиерот и европската предводена од претседателот на Европскиот совет.
  • Заедничка прес-конференција во медиумскиот центар на Владата, каде што ќе бидат соопштени деталите од разговорите.

Главни теми на разговор во Скопје, но и во целиот регион, се можностите и предизвиците поврзани со проширувањето на Унијата, постепената интеграција, регионалната соработка, како и безбедноста и стабилноста на Балканот.

Пред почетокот на посетата на регионот, претседателот на Европскиот совет испрати силна порака за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

„Мојата втора турнеја на Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална; исто толку реална колку и можноста за проширување. Импулсот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“, изјави Кошта.

Антонио Кошта ја почна својата балканска турнеја вчера од Сараево, по што следуваше посетата на Тирана и денешниот престој во Скопје.

Според најавената агенда, тој утре патува за Приштина, в четврток ќе го посети Белград, а турнејата ќе ја заокружи во Црна Гора. На 5 јуни, Кошта ќе биде копретседавач на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват, кој ќе се одржи под мотото „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни