Мицкоски: Имам чувство дека високи функционери од претходната Влада на СДСМ и нивни членови од семејството ќе бидат опфатени со одредени прогони!

Премиерот Христијан Мицкоски денеска испрати порака до опозицијата, најавувајќи можност во наредниот период да бидат отворени истраги и постапки против поранешни високи државни функционери.

Според него, потенцијалните случаи би можеле да се однесуваат на лица од редовите на СДСМ, вклучително и поранешни премиери, како и членови на нивните потесни семејства.

Мицкоски притоа нагласи дека не располага со конкретни информации или докази, туку дека станува збор за лична проценка дека одредени случаи би можеле да станат предмет на интерес на надлежните институции.

„Имам чувство дека набргу високи функционери од претходната Влада, како и нивни блиски од семејството, ќе бидат опфатени со одредени прогони – не велам дека имам информации“, изјави премиерот.

Воедно, тој ги повика опозициските партии да не реагираат однапред со обвинувања за политички прогон, туку да остават институциите да ја завршат својата работа. Според него, секој што ќе биде повикан ќе има можност да ја докаже својата невиност во соодветна постапка.