Македонија

Мицкоски: Ива Михајлова нелегално е пренесена во Бугарија, таа и татко ѝ ќе одговараат пред правдата

Мицкоски: Ива Михајлова нелегално е пренесена во Бугарија, таа и татко ѝ ќе одговараат пред правдата

Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, упати остри критики кон бугарските власти поради случајот со Ива Михајлова. Тој изјави дека таа нелегално била пренесена во Бугарија и категорично ги демантираше тврдењата дека заедно со својот адвокат ја преминала границата преку официјален граничен премин.

Според Мицкоски, информациите објавени во бугарските медиуми дека Михајлова и нејзиниот адвокат непречено ја преминале границата и дека дури биле поздравени од граничните службеници не се вистинити.

„Тоа претставува лага. Можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. Истражуваме, Министерството за внатрешни работи истражува и ќе дојдеме до сознание на кој начин е однесена“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека, според податоците со кои располагаат македонските институции, а кои, како што рече, се потврдени и од бугарската страна, последното евидентирано влегување на адвокатот било на 28 септември.

Македонскиот премиер упати остри обвинувања и кон политичкото раководство во Софија.

„Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата која што самата себе си ја прави на меѓународен план, но тоа е нивна одлука. Тие избрале ваква политика“, изјави тој.

Мицкоски го коментираше и случајот со таткото на Ива Михајлова, Симеон Михајлов, кој има правосилна судска пресуда во Северна Македонија.

„Жалам што тие, наместо лице правосилно осудено да го вратат тука да ја отслужи казната за која што е осудено, тие од него прават естрадна ѕвезда и клоун“, рече премиерот.

Тој уверува дека и таткото и ќерката порано или подоцна ќе се соочат со македонското правосудство.

„Јас ја гледам македонската јавност во очи и ви кажувам, кога-тогаш и едниот и другиот ќе се соочат со правдата“, категоричен беше Мицкоски.

На прашањето за обвинувањата од опозицијата дека заминувањето на Ива Михајлова во Бугарија било однапред договорено, премиерот изјави дека македонската опозиција и бугарското политичко раководство дејствуваат во иста насока.

Според него, целта е да се создаде политичка тема што ќе му наштети на рејтингот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и ќе ѝ донесе политички поени на опозицијата.

„Еве, ако е тоа така договорено, ние ја бараме назад и нејзе и нејзиниот родител. Уште денеска да ги донесат и да видиме дали е тоа така договорено или не е тоа така договорено“, изјави Мицкоски.

Тој потврди дека повеќепати барал од Бугарија двајцата да им бидат предадени на македонските власти.

Неговите изјави доаѓаат во услови на засилени дипломатски тензии меѓу Скопје и Софија.

На 13 октомври македонските власти побараа меѓународна потрага преку Интерпол, апсење и екстрадиција на Ива Михајлова, која е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Од бугарското Министерство за внатрешни работи, пак, соопштија дека не се преземени активности за утврдување на нејзината локација. Министерството се повика на Уставот и на Европската конвенција за екстрадиција, според која државите имаат право да одбијат екстрадиција на сопствени државјани.

Ива Михајлова, која има двојно државјанство, претходно во изјава за бугарската телевизија БТВ тврдеше дека ја преминала границата заедно со својот адвокат Николај Димитров. Тој тврдеше дека граничните службеници биле известени и дека не им го попречиле преминувањето на границата.

Овие тврдења сега категорично ги отфрла македонскиот премиер, додека истрагата за начинот на кој Михајлова ја напуштила Северна Македонија продолжува.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни