Премиерот започнува активности за реконструкција на Владата, откако најави дека во наредниот период ќе се прави анализа на работата на актуелните функционери и можни кадровски промени.
Од партискиот настан во Струмица, премиерот испрати порака до носителите на јавни функции дека одговорноста кон граѓаните мора да биде приоритет и дека секој што смета дека не може да продолжи со истото темпо треба чесно да се повлече.
Тој посочи дека до него пристигнуваат информации дека одредени министри не се доволно достапни за граѓаните, дека се оддалечиле од проблемите на луѓето и повеќе внимание посветуваат на други активности наместо на директна комуникација со граѓаните.
Премиерот порача дека нема да дозволи отстапување од договорените политики и очекувањата што ги поставила Владата.
Според најавите, во наредните денови треба да започнат разговори со коалициските партнери, а првите состаноци се очекува да се одржат утре и во сабота.
Процесот на реконструкција, како што беше најавено, треба да ги опфати и партиските структури, а се очекува да бидат разгледани можностите за промени во составот на извршната власт.