Македонија

Мицкоски најави разговори со трговците за ценовните движења

Мицкоски најави разговори со трговците за ценовните движења

Владата во наредниот период ќе отвори дијалог со повеќе трговски синџири кај кои, според извршените анализи, е забележано неоправдано зголемување на трговските маржи, најави премиерот Христијан Мицкоски.

По настан во Општина Бутел, тој истакна дека засега нема да бидат објавени имињата на компаниите кои ќе бидат повикани на разговор, бидејќи, како што рече, сака прво директно да ги слушне нивните објаснувања.

„Не би сакал сега јавно да споменувам имиња. Она што имам да го кажам, ќе го кажам директно, во разговор со нив“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека ваквиот пристап е во согласност со неговата практика прашањата од ваков тип да се решаваат преку непосреден дијалог, наместо преку јавни обвинувања и медиумски препукувања.

Според премиерот, целта на најавените средби е Владата да ги презентира сопствените анализи, но и да ги сослуша аргументите на трговците околу причините за зголемувањето на маржите.

Мицкоски претходно информираше дека кај дел од трговските синџири е регистрирано зголемување на бруто-маржите од два до пет проценти во однос на истиот период минатата година, што, како што оцени, бара дополнителна анализа во услови на високи цени кои го оптоваруваат животниот стандард на граѓаните.

Сè уште не е прецизирано колку компании ќе бидат опфатени со разговорите, ниту кога точно ќе се одржат средбите, а од Владата најавуваат дополнителни информации по нивното завршување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни