Премиерот Христијан Мицкоски отворено најави дека во текот на мај или јуни ќе се отвори прашањето за можни кадровски промени во Владата. Тој потврди дека веќе се водат разговори со коалициските партнери за евентуална реконструкција и освежување на владиниот кабинет.
Разговори со коалицијата и внатрешно прегрупирање
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали се планира владина реконструкција, премиерот потврди дека оваа тема веќе е отворена. Тој посочи дека и во рамките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но и кај останатите владини партнери, во тек се процеси на внатрешно прегрупирање.
„Сме разговарале, бидејќи и коалициските партнери, но и ВМРО-ДПМНЕ, имаат внатрешни прегрупирања и реструктуирање. Очекувам во мај-јуни да се седне и да се поразговара и апсолутно ќе разговараме отворено за сите теми“, изјави Мицкоски.
Кој потфрли во работата?
Според најавите на премиерот, пред да се донесат конечните одлуки ќе следува детална анализа на сработеното во изминатиот период.
- Фокусот на анализите ќе биде да се лоцира кои кадри и функционери не ги исполниле очекувањата и потфрлиле во својот ресор.
- На маса ќе бидат ставени опции за директна промена на министри, но и за евентуална ротација на одредени позиции.
Иако најави отворена дискусија за одговорноста, Мицкоски засега одби да лицитира со конкретни имиња и не откри од кои министри во владиниот кабинет не е задоволен.
