Македонија

Мицкоски: Народот кој го чува својот јазик никогаш не останува без дом

Мицкоски: Народот кој го чува својот јазик никогаш не останува без дом

Народот кој ги чува своите корени никогаш не се губи, народот кој го чува својот јазик никогаш не останува без дом, а народот кој ја чува својата култура секогаш ќе има иднина. Ова го порача претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на свечената академија „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, што се одржа попладнево во Нови Сад.

Пред присутните, Мицкоски потенцираше дека националниот идентитет и јазикот не преживуваат сами од себе, туку за нивно зачувување низ децениите потребен е секојдневен труд, љубов и свесна посветеност на генерации мајки, татковци, учители и културни работници.

„Народ без култура е народ без меморија, а народ без меморија лесно може да ја изгуби и својата насока. Вашата приказна е доказ дека човек може да живее далеку од родниот крај, а срцето и понатаму да му чука во ритамот на мајчиниот јазик“, им се обрати премиерот на иселениците.

Балканот напредува само преку заемна почит, а не со оттурнување

Во својот говор, премиерот се осврна и на длабоките врски меѓу Македонија и Србија, нагласувајќи дека двете земји не ги поврзуваат само политичките односи, туку генерациите кои растеле во ист културен и духовен простор.

„Балканот не напредува кога народите се оттурнуваат едни од други, туку кога градат доверба, заемна почит и искрено партнерство. Во време на нови глобални поделби и тензии, нашите народи имаат обврска да градат мостови, а не ѕидови. Денес од Нови Сад испраќаме порака дека иднината мора да се гради врз она што нѐ поврзува“, истакна Мицкоски.

Порака до младите Македонци: „Не дозволувајте модерноста да ви ја одземе меморијата“

Мицкоски упати и директна, силна порака до младите Македонци кои живеат ширум Србија – во Нови Сад, Панчево, Јабука, Качарево, Зрењанин, Белград, Врање, Ниш, Лесковац и другите места. Тој ги повика да чекорат во чекор со новото време, но цврсто да ја чуваат својата припадност.

„Бидете современи, успешни, образовани и освојувајте универзитети, компании, институции и културни сцени, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор, која песна ви ја пееле вашите родители и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци“, порача премиерот.

Војводина како пример за мултикултурен мозаик

Премиерот подвлече дека Нови Сад и Војводина отсекогаш биле простор каде различностите се богатство, а не слабост, и каде Македонците имаат свое чесно, заслужено и достоинствено место.

На свечената академија, покрај премиерот Мицкоски, се обратија и претседателот на српската Влада, Милош Вучевиќ, претседателката на покраинската влада на Војводина, Маја Гојковиќ, како и претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, Зорица Митровиќ.

Во составот на македонската државна делегација на овој значаен јубилеј присуствуваа и вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни