Владата ги интензивира активностите за исполнување на обврските од Реформската агенда, со цел сите предвидени реформи во рамки на грејс-периодот да бидат завршени до крајот на декември 2026 година, најави премиерот Христијан Мицкоски.
На владиниот состанок посветен на реформските процеси биле разгледани напредокот, статусот на законските решенија и преостанатите обврски во неколку клучни ресори.
Во областа на јавната администрација се подготвени четири клучни законски решенија, кои во моментов се во фаза на техничко усогласување со Европската комисија. Очекувањата се тие да влезат во собраниска процедура на почетокот на декември и да бидат усвоени до крајот на месецот.
Во однос на новиот Закон за оружје, премиерот посочи дека дел од предлозите на експертите од СИГМА, според домашните експерти по уставно право, се неуставни, но очекува разликите да бидат надминати.
Кривичниот законик и Законот за кривична постапка веќе се доставени до Брисел на разгледување.
Како едно од главните отворени прашања во реформите во правосудството, Мицкоски го издвои финансирањето на судството и јавното обвинителство. Постигнат е компромис за постепено зголемување на нивните буџети, за кој се очекува мислење од Европската комисија.
Дополнително се усогласуваат и прашањата поврзани со финансирањето на Академијата за судии и јавни обвинители, со цел да се овозможи избор на нова генерација кандидати.
Премиерот посочи дека стабилен напредок има и во областа на дигиталната трансформација, додека во транспортот се очекуваат мислења за пет законски решенија. Во енергетскиот сектор, пак, двата преостанати реформски чекора се очекува да бидат завршени во текот на ноември.
Мицкоски изрази уверување дека Македонија ќе ги исполни предвидените обврски во утврдениот рок и ќе ја задржи лидерската позиција во спроведувањето на реформските процеси.