Мицкоски останува, Јанушев замина – Иницијативниот одбор и СДСМ оценуваат дека ова е театар

По вчерашниот Централен комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ покрај промена на дел од Извршниот комитет, најмногу внимание предизвика ненадејната оставката на генералниот секретар на партијата Игор Јанушев. Во моментот ВМРО-ДПМНЕ е без генерален секретар иако Јанушев беше единствениот носител на изборната листа кој освои повеќе мандати од СДСМ. Претседателот Христијан Мицкоски по вчерашната седница на највисокото работно тело на партијата не објасни зошто Јанушев замина од функцијата.

„Поради лични причини се повлече досегашниот генерален секретар Игор Јанушев. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам за неговата работа, срдечно залагање и беспоштедна битка. Тој продолжува да придонесува и помага во ВМРО-ДПМНЕ. Во наредниот период  Извршниот комитет ќе биде проширен и со нови членови, нов генерален секретар, нов претседател на Унијата на жени и нов претседавач на Унијата на ветерани“, истакна Христијан Мицкоски.

Мицкоски рече дека тој предложил одржување Вонреден конгрес, но Централниот комитет тоа го одбил.

„Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување вонреден конгрес на кој што јас нема да се кандидирам. Централниот комитет надвор од моето присуство откако ја напуштив салата во која што се одржуваше седницата на самиот Централен комитет го одби едногласно ова мое барање“, посочи Христијан Мицкоски.

Од иницијативниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат негова смена, реагираат дека Мицкоски е само лош глумец чија суета ја турка партијата во пропаст.

„Да беше искрен во предлогот за вонреден конгрес и во намерата да не се кандидира, ќе ја искористеше можноста што ја дава Статутот, ќе си дадеше оставка и ќе беше свикан конгресот наместо да прави театар, злоупотребувајќи го Централниот комитет кој е со истечен мандат“, велат од ИО на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека со промените во ВМРО-ДПМНЕ се покажува дека практично ништо не се менува во партијата.

„Кога ќе го погледнете новиот состав на Извршниот комитет, вклучувајќи го тука и Антонио Милошоски и целата таа екипа водена од Никола Груевски, може да заклучиме дека криминалната матрица во белата палата останува“, посочи Костадин Костадинов.

Со промените во Извршниот комитет се најдоа блиски соработници на лидерот на партијата Мицкоски како што се Рашела Мизрахи, Гордана Димитриевска Кочовска, Стефан Андоновски, Дафина Стојановска, Олга Лозановска, Марија Андоновска а во него се враќа и Антонио Милошоски. Во Извршниот комитет се вклучува и лекарот Вело Марковски како и полковникот Драган Ковачки кој беше неуспешен кандидат за министер за внатрешни работи во техничката влада. Од старите членови пак остануваат Коце Трајановски, Трајко Славески и Влатко Ѓорчев

.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното