Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не сака да прејудицира што може да се очекува од утрешната средба во Софија меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарската в.д. претседателка Илијана Јотова. Овој состанок на високо ниво, кој ќе се одржи во рамките на самитот од Процесот за соработка на Југоисточна Европа, претходно беше потврден од самата шефица на македонската држава.
Одговарајќи на новинарски прашања за содржината и очекувањата од оваа средба, премиерот нагласи дека неговиот личен и институционален став за добрососедството останува непроменет.
„Како човек очекувам земјава да има добри односи со сите, но како премиер ќе сторам сè што е во моја моќ да ги заштитам идентитетот и интересите на граѓаните и државата. Соседските односи мора да се градат врз основа на принципот на ’двонасочна улица’“, изјави Мицкоски.
Политика на здрави основи наместо чуда Мицкоски потенцираше дека Владата има јасен план и стратегија од кои нема да отстапи, додавајќи дека граѓаните не треба да веруваат во инстант решенија.
„Чуда никогаш не сме ветувале затоа што не сме чудотворци. Секој што ветува чуда – лаже. Она што го зборувам денес е истото што го зборував и во кампањата уште од 2022 година. Работите мора да се постават на здрава основа за идните генерации да ги немаат нашите главоболки“, порача премиерот, додавајќи дека резултатите од темелната и напорна работа веќе полека пристигнуваат.
Од друга страна, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претходно изјави дека од утрешниот разговор со Јотова очекува отворање на суштински прашања, изразувајќи оптимизам дека меѓу двете држави нема нерешливи проблеми.