Премиерот Христијан Мицкоски упати остра јавна осуда за одлуката на бугарската гранична полиција да му изрече забрана за влез во земјата на адвокатот Тони Менкиноски до 2036 година.
По телефонскиот разговор со адвокатот, Мицкоски истакна дека ваквиот потег претставува директно кршење на човековите права и испраќа негативен сигнал до Европската Унија.
Тој потенцираше дека Менкиноски не е престапник, туку чесен граѓанин чиј „единствен грев“ е правното застапување на Македонците во Бугарија пред Судот во Стразбур.
Според премиерот, доколку Унијата не излезе со официјална осуда за ваквото однесување на официјална Софија, тоа сериозно ќе го наруши угледот на самата ЕУ.
Адвокатот Менкиноски веќе ги информирал домашните институции и меѓународните организации за човекови права, нагласувајќи дека ваков притисок врз адвокат е незапаметен и дека ќе ги искористи сите меѓународни механизми пред Советот на Европа и Обединетите нации за оспорување на оваа одлука.