Мицотакис: Северна Македонија мора да го почитува Договорот од Преспа

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изрази надеж дека Северна Македонија ќе сфати дека не е во нејзин интерес да инсистира на ставови што создаваат тензии со Грција – нејзиниот најголем сосед, значаен инвеститор и поддржувач на европскиот пат на земјата. Во интервју за телевизијата „Антена“, Мицотакис нагласи дека очекува јасен став од македонскиот државен и политички врв за целосно почитување на Договорот од Преспа, јавува дописничката на МИА од Атина.

„На Балканот, за жал, сè уште има сили кои веруваат дека политички ќе профитираат ако разбудат стари духови на балканскиот национализам,“ изјави Мицотакис, додавајќи дека ова било очигледно со актуелната влада на Северна Македонија, особено во предизборниот период, но и по изборите.

Се вчитува...

Премиерот ја повтори својата позиција дека името на државата, Северна Македонија, е неприкосновено и треба да се користи како за меѓународна, така и за внатрешна употреба.

„Северна Македонија не може да избегне од ова предвидување. Гледам дека во последните два месеци Владата во одредена мера го сфати ова. Очекувам многу јасна изјава од државниот и политичкиот врв за целосно почитување на Договорот од Преспа и доследна употреба на името Северна Македонија,“ истакна Мицотакис, додавајќи дека процесот се движи во вистинската насока.

На прашањето дали Грција треба поинтензивно да ги информира своите сојузници за ставовите на Северна Македонија, Мицотакис одговори дека тоа веќе било направено.

Интервјуто беше дадено во Солун, по повод отворањето на метрото, а премиерот се осврна и на прашања поврзани со внатрешната и надворешната политика.