63-годишниот Петар Мајоски ја потресе цела Македонија со двојното убиство на својот 12-годишен правнук и 43-годишниот внук, а потоа и со своето самоубиство. Но, кој беше монструмот од Прилеп кој одзеде три животи и зад себе остави хорор што ја замолчи јавноста?
Во потрага по одговори, го анализиравме неговиот профил на Фејсбук – „модерниот личен документ“ на многумина.
На социјалните мрежи Мајоски се претставува како ревносен комунист и отворен обожавател на рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Овие две фигури за него беа олицетворение на „совршени лидери“, како што сам напиша во неколку свои објави.
Во една од нив, Ким Џонг Ун го нарекува „храбар“, а во друга ја споделува заканувачката порака на Северна Кореја за Третата светска војна:

„Ништо не е завршено, и ништо уште не започнало. Сме на прагот од светска војна и сите мора да се подготват. Нема друг начин да се справиме со глобалистичките насилници и криминалци.“

Слична фасцинација Мајоски покажувал и кон Иран, редовно објавувајќи фотографии со пофалби за иранскиот режим. Но, неговата најголема симпатија била резервирана за Путин, кого го прославувал преку објави за руската воена моќ:

„Во моментов: Русија и технологијата на оружје. Групата Калашников го произведе првиот лесен митралез РПЛ-20 со ременски полнач. Овој митралез е прв од ваков вид, развиен од истражувачката канцеларија на Калашников, земајќи ги предвид препораките од клиентите. Оружјето доаѓа со стандардна капацитет од 100 до 200 куршуми.“

Неговите објави, исполнети со восхит кон автократските лидери и милитаристичка реторика, сега добиваат мрачен контекст.