Мораториумот за градба во Центар привремено ја намалил градежната активност, но не ја исполнил главната цел — ревизија на деталните урбанистички планови и нивно усогласување со Генералниот урбанистички план, оцени Билјана Филиповска Тодорчевска.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа рече дека периодот на мораториумот не бил искористен за потребните плански промени, поради што потоа следувал нов бран изградба.
„За тие три-четири години, додека беше мораториумот, беше само стишана градбата“, изјави таа.
Советничката се повика на податок што, според неа, го соопштил градоначалникот, за повеќе од 300 издадени дозволи за градба. Притоа оцени дека продолжува реализацијата на планови чии параметри не се усогласени со генералниот план.
Според неа, суштинското решение е промена на планските услови што ја овозможуваат преизграденоста, за развојот да ги следи капацитетите на инфраструктурата и потребите на населението.