Откако стана извесно дека Србија и официјално испрати барање за екстрадиција на поранешниот член на ОНА, Томор Морина, амбасадорот на Косово во Македонија, Ѓерѓ Дедај, излезе со став дека можното испорачување ќе ги наруши меѓудржавните односи меѓу двете земји. Експертот по меѓународно право, Беса Арифи вели дека Македонија има можност да бира, додавајќи дека екстрадицијата е процес на меѓународна соработка, кој целосно зависи од политичката волја во земјата.
-Земјата треба да процени какво влијание ќе има екстрадицијата или не-екстрадицијата за меѓународните односи кои може да ги има со другата земја. Во овој случај, бидејќи има конфликт на интереси, секако дека помеѓу двата соседа, Македонија повторно ќе треба да одлучува и да постави свои приоритети – во кој дел смета дека треба да соработува и кои односи треба да штити во овој правец. Не е ни прв, а ни последен случај за давање или не екстрадиција. Имало многу случаи кога било одбиено некое екстрадирање од овие држави, и од Македонија, и од Србија, и од Косово. Така што, ова се ад-хок одлуки кои ги носат административниот орган согласно проценките кои се прават во однос на тоа дали екстрадицијата е во интерес на државата или не-рече Арифи.
Освен земјите-соседи, екстрадирањето на Морина ги спротивстави гледиштата и на коалиционите партнери. Премиерот Заев, вели дека треба да се почитуваат меѓународните права.
-Владеењето на правото и почитувањето на меѓународни узанси и правила е норматив, европска вредност која и вие и јас и сите се залагаме. Постапките ги води надлежен обвинител и за нив одлучува надлежен судија, ниту ги води Заев, ниту Спасовски, ниту Агим Нухиу, ниту кој било од Владата, рече Заев.
Сепак ставот на шефот на Владата се коси со оној на вицепремиерот Бујар Османи, кој настојува Морина да се ослободи.
-Болна вистина е што и по 20 години од конфликтот, луѓето сѐ уште се држат за конфликтот од 99-тата. Ова подразбира дека државата, односно правосудството треба да помине низ потребните постапки додека Министерството за правда не донесе одлука за неговото неекстрадирање. Бидете уверени дека колку што може политиката да влијае во вакви ситуации, правиме сѐ за да ги алармираме сите дека ова е неприфатливо и дека господинот Морина итно треба да биде ослободен-рече Османи.
На иста линија со Османи е и косовскиот амбасадор Дедај, кој во ексклузивно интервју за ТВ21 рече дека можното екстрадирање може да ги наруши односите меѓу Косово и Македонија.
-Сепак, потсетувам дека неговата екстрадиција целосно се коси со човековите права и е незаконска и неприфатлива. Не треба да се случи, бидејќи можното екстрадирање веќе нема да биде на лична штета на Томор Морина, туку може да има последици врз меѓудржавните односи меѓу Република Косово и Република Северна Македонија. Не би сакале ваквите случаи да влијаат за можно нарушување, за кое, ние како Косово, воопшто не сме заинтересирани-рече Дедај.
Србија бара македонските власти да го испорачаат Морина. Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, повика премиерот Зоран Заев да го исполни ветувањето – дека ќе го почитува меѓународното право и истакна дека секој кој е дел од Интерпол треба да се придржува кон прописите на организацијата
-Заев рече дека тие ќе го почитуваат меѓународното право и тоа може да значи само испорачување на Морина на органите на Србија и ништо друго. Чекаме зборовите на Заев да се исполнат и меѓународното право да биде испочитувано, изјави Стефановиќ, пренесе „Б92“.
Инаку, пред неколку дена адвокатот на Морина, Насер Рауфи, рече дека очекува неговиот клиент да биде ослободен во текот на оваа недела, но тоа не се случи. ТВ21 ја контактираше канцеларијата на Рауфи од каде ни рекоа дека очекуваат одговор од судот кој треба да одлучи дали Морина ќе биде пуштен од притвор. Од Министерството за правда потврдуваат дека барањето за екстрадицијата в понеделник ќе се најде пред надлежниот суд.
РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ