Околу 100.000 руски специјалисти за информатичка технологија ја напуштија Русија по инвазијата на Украина, јави ДПА, повикувајќи се на официјални руски власти.
„Всушност, ако ги погледнеме двата брана на емиграција, до 10% од вработените во компаниите за информатичка технологија ја напуштија земјата и не се вратија“, рече рускиот министер за дигитален развој, комуникации и медиуми Максут Шадаев на парламентарната расправа.
Сепак, тој истакна дека 80% од овие специјалисти сè уште се вработени во руски компании и тој се противи на забраната на овие Руси да работат од нивната сегашна локација.
Првиот бран на емиграција започна непосредно по руската инвазија на Украина во февруари, а вториот откако претседателот Владимир Путин нареди делумна мобилизација во Русија.
ЕУ не им дозволи на повеќето бегалци Руси да влезат на нејзина територија, па многумина побараа засолниште во соседните поранешни советски републики. Во Русија понекогаш ги осудуваат како „предавници на татковината“, посочува ДПА.
Руската влада и парламентот сега расправаат за закон со кој на иселениците ќе им се забрани да продолжат да работат за руски компании. Владата во Москва верува дека тоа ќе ги спречи потенцијалните емигранти да се издржуваат во странство. Дискусиите во моментов се вртат околу прашањето кои сектори треба да бидат изземени од забраната.
Недостигот од руски компјутерски експерти неодамна доведе до нивно официјално ослободување од воен рок. Сепак, многу Руси не веруваат во уверувањата на Кремљ и претпочитаат да се држат настрана од својата татковина, потсетува ДПА.